Одбележана 22-годишнината на општина Василево

Со cвечена седница, денес Советот на општина Василево одбечежа 22 години од своето конституирање и 22 години од воспоставувањето на денешна општина Василево.

Пред членовите на Советот, вработените, соработниците, присутните гости и пријатели на општина Васаилево Свечената седница ја отвори и се обрати претседателот на Советот Крсте Панев.

„Во општинскиот Совет се луѓе со различни политички определби, разчични професии, интереси и афинитети, но на сите нас ни е заедничко тоа што си ја сакаме општина Василево и сакаме таа што повеќе да се развива. Затоа знам дека одлуките кои ги носиме и ќе ги носиме ќе придонеат за понатамошен развој. Сакаме еден ден кога идните генерации ќе го оценуваат сработеното од наша страна, како што денес ние тоа го правиме за нашите претходници, да заклучат дека ова бил успешен период за општина Василево“, рече претседателот на Советот на општина Василево, кој притоа упати благодарност до сите кои како што рече со своите предлози, сугестии и критики придонеле да се донесат вистинските одлуки: „Им се заблагодарувам сите кои со своите предлози, сугестии и критики придонесоа да ги донесеме вистинските одлуки; Им се заблагодарувам и на сите наши претходници за визијата и реализацијата и за целокупниот развој на нашата општина Василево“, рече Панев во своето поздравно обраќање.

Присутните ги поздрави и градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев кој направи ретроспектива на развојот во изминатите 22 години со посебен акцент на реализираното во последната година. „Во текот на изминатата една година, колку што и практично сум на чело на општина Василево, постојано работиме на нејзиниот развој. Патната инфраструктура ни е побогата за околу 2 км. новоизградени локални патишта и улици. Сушево, Василево, Градашорци, Пиперево, Нова Маала, Седларци, Сушево, Владевци се населените места каде оваа година се реконструираа и градеа нови улици.

На нашата работна агенда беше и справувањето со атмосферските води. Битката за чиста каналска мрежа ја водевме заедно со ЈПКД „Турија“ со кое работевме по сите населени места а во Градошорци изградивме и одводен атмосферски канал решавајќи го деценскиот проблем со поплавување на обработливото земјиште и домовите.Во делот на справувањето со отпадните води од домаќинствата, во Пиперево изградивме нов крак во должина од 380 метри.На планот на спортот и детскиот развој завршивме со реконструкцијата на Домот на културата во Нова Маала и истиот го адаптиравме во современа спортска сала за потребите на учениците и граѓаните од овој крај; Обезбедивме средства за изградба на комплетно нова детска градинка во населеното место Ангелци како и странски грант за изградба на пешачка патека Нивичино-Брана Турија и реконструкција на Домот на културата во Василево“ истакна градоначалникот Јанев.

Заблагодарувајќи им се на сите за придонесот во развојот на општина Василево градоначалникот Јанев на крајот од своето поздрано обраќање нагласи: „Развојот на општина Василево е процес кој трае веќе 22 години и се надоградува и продолжува со секој нов ден. Тоа е континуитет на вложувања и залагања, континуитет на изградба, континуитет во нагорна линија во сите области кои се во надлежност на локалната самоуправа“.

За своето работење и придонес во развојот на општинатана вработените кои непрекинато работат 10 односно 20 години во општина Василевоим беа доделени jубилејни награди.

Напишете коментар