Од 7-16 август Струмица Опен Фест по 4 пат

Претставници на здружението „Културен забавен живот“ кој е организатор на фестивалот и на општина Струмица која е покровител, вчера одржаа прес конференција на која информираа за годинашната фестивалска понуда. Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица, рече дека како и минатите години, така и оваа, градоначалникот Зоран Заев и Советот финансиски го подржуваат фестивалот, а годинашната поддршка изнесува 3 милиони денари.
-Иако станува збор за четврто издание на оваа манифестација, на наше задоволство, таа веќе станува препознатлив белег за нашиот град и пошироко во регионот кога станува збор за незаборавно фестивалско доживување. Минатата година фестивалските денови беа посетени од над 200 илјади луѓе од земјата и странство, бројка кој охрабрува, но истовремено и го задолжува организаторот секое наредно издание да биде подобро од претходното и многу поразличен од останатите фестивали во државата. Од 7 до 16 август, односно за тие 10 дена ќе се случат 20 настани на повеќе локации во градот и тоа од областа на театарот, филмот, поезијата, ликовната уметност, фолклорот, ќе има и работилници, обуки, многу награди и бројни изненадувања и секако фестивалот ќе кулминира во последните три дена со многу музика од познати балкански и светски изведувачи и разни жанрови за сите вкусови,изјави Христов.
Според Гонце Ѓоргиева од здружението „Културно забавен живот“ фестивалската понуда годинава ќе има променета концепција.

-Со малку промената концепција оваа година, но со својата разноликост се надеваме дека вистински ќе ги ставиме на тест нашите организациски способности, но на тест ќе биде и гостопримството на струмичани. Големите ѕвезди кои доаѓаат во Струмица ќе привлечат голем број гости од земјава и странство, а меѓу нив ќе предничат младите, рече Ѓоргиева.
Во музичкиот дел на четвртото издание на „Струмица опен фест“ ќе настапат Трио гранде, Јупитер, Либеро, Кристина Арнаудова, Слаткаристика, Данијела Мартиновиќ, Тропико бенд, Харис Џиновиќ, Петар Грашо, Mossel,TOM NOVY, R3HAB.

Напишете коментар