Од 26-ти до 28-ми август на повеќе локации во Гевгелија ќе се оддржи мултимедијалниот фестивал БОШ

Отворањето на фестивалот ќе биде на 26-ти (петок) во 20:30 часот во галерискиот простор Амам со проектот на ФЛУ – Скопје насловен „Видео уметност и уметност базирана на време“, продолжувајќи со музичкиот дел.

Музичката програма на годинешното издание ја сочинуваат српскиот алтернативен состав „Болесна штенад“, пејачот и мултиинструменталист Тодор Kараколев, софиското трио „Дазнт фрогс“, кумановското електронско дуо „Бинари тотс“ и скопскиот бенд K.N.N.T.

Предвидени се и голем број off-mainstream содржини (професионални и аматерски): театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видеоарт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања.

Најавена е соработка со Астер Фест којашто допрва ќе се случи (на 27-ми во Струмица).

Традиционално во контекст на фестивалот ќе се оддржи и БОШ RECHARGEABLE на Сифулајски острови.

Мултимедијалната платформа БОШ Фестивал – Гевгелија, е обид за естетизирана артикулација и осмислување на ’додадена вредност’ на урбаната култура.

Првото издание на БОШ се случи во 2009-та, а во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008).

Во изминатите години на БОШ зеле учество повеќе од 300 уметници.

БОШ Фестивал е организиран од здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата – Арт Еквилибриум, Гевгелија.

Арт Еквилибриум е организација посветена на поддршка, промоција и развој на културата. Целта е да се овозможи интердисциплинарни соработки, подобрување на локалната култура, влијателни поврзувања.

Сите настани на Бош-фестивал во Гевгелија се бесплатни, достапни и отворени за секого, што овозможува непосредна и природна комуникација меѓу учесниците, публиката и организаторите на фестивалот.

Напишете коментар