О.Василево и ЈПКД „Турија“ со активности во комуналната и патната инфраструктура

Деновиве ЈПКД „Турија“ Василево по налог на општина Василево извршува работи на терен во повеќе населени места кои главно се однесуваат на уредување на селските земјени патишта.

Во населеното место Василево извршено е порамнување и тампонирање на селски патишта и улички во различни делови од селото во вкупна должина од околу 1 500 метри.

Во населеното место Висока Маала пробиен е нов земјен пат во должина од околу 300 метри кој води кон селските трла и сушниците за тутун. Заради спречување на опасноста од негово уништување во услови на врнежи, направен е воден пропуст за прибирање и канализирање на водите. Со оваа активност се овозможува нормално движење кон досега тешко пристапниот терен така што жителите на Висока Маала полесно ќе можат да ги извршуваат своите секојдневни обврски поврзани со земјоделските и сточарските работи.

Општина Василево интервенираше и во населеното место Нова Маала. Поставени се бетонски прстени на делот од патот што води кон селските гробишта заради негова заштита од врнежи, а во делот од селото каде заради неконтролирано испуштање на вода истата се излева по улицата направена е атмосферска канализација, со што е решен еден повеќегодишен проблем.

Во текот на денешниот ден, механизацијата на ЈПКД „Турија“ е ангажирана на филтер станицата во с. Доброшинци каде врши интервенции за прифаќање, насочување и канализирање на вишокот на филтрирана вода. Со денешните интервенции ќе се спречи излевањето на вишокот вода по патот со што патот ќе се заштити од ерозија и уништување.

„Овие навидум мали зафати имаат големо значење за жителите од населените места каде што се одвиваат активностите, бидејќи го подобруваат нивното секојдневие и се директен одговор на барањата и потребите на граѓаните од тие населени места, “ изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев, кој нагласи дека општина Василево во соработка со ЈПКД „Турија“ и во иднина ќе продолжи со реализација на вакви и слични активности низ сите населени места на општината.

Средствата за сите овие зафати се обезбедени од Буџетот на општина Василево.

Напишете коментар