о. Василево – Градежни Активности во Нова Маала

Асфалтирање на улица и платото пред ООУ„Атанас Нивичански“ се двете најнови активности кои ги реализираше локалната самоуправа Василево во населеното место Нова Маала.
„Денес завршуваме со асфалтирање на уште една улица во н.м Нова Маала која е во должина од околу 240 метри и која што беше во Програмата за 2015 година на општина Василево, изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов и самиот присутен на асфалтирањето, додавајќи дека паралелно со тоа регулирани се водените пропусти, а искрпени се и дупките на стариот односно постоечкиот пат.
„За да ја асфалтираме оваа улица претходно беше променета и водоводната линија која поминуваше под самиот пат, така да на оваа локација веќе имаме инвестирано и околу изградбата на новата водоводна линија односно промена на стариот цевковод со нов цевковод“, изјави градоначалникот Стојанов.
Истовремено асфалтирано е и платото пред училиштето „Атанас Нивичански“ со што е подобрен пристапот односно влезот и излезот во овој објект.
Зборувајќи за значењето на оваа инвестија за жителите на Нова Маала, градоначалникот најави нови инвестиции и активности и во наредната 2016 година: „ Ако во изминатиот период акцентот беше ставен на асфалтирање односно поврзување со општинскиот центар, еве веќе почнуваме и со изградба на улици во самото населено место со што сакаме да ги подобриме сите услови комплетно, така да во Програмата за 2016 година која е веќе во припрема и чека на донесување на Советот на општина Василево ќе имаме уште неколку такви проекти кои ќе значат подобрување на квалитетот на живеење на територијата на општина Василево“.
Вкупната инвестиција за асфалтирањето на улицата и платото пред училиштето изнесува околу 18 000 000 денари а средствата се обезбедени од општинскиот Буџет. Изведувач на работите е градежната компанија „Жикол“ од Струмица.

Напишете коментар