о.Григориј-Таланти

Пред петнаесет години, во амфитеатрот, еден колега му вели на другиот: “Што гледаш нагоре?” Овој одговара: “Скалила.” “Да, но ти размислуваш конечно. Да размислуваше во бесконечноста, ќе гледаше права линија, а не скалила.” Седев оддалеку, но доволно близу да го слушнам разговорот. Одеднаш, во умот ми се појави доказ на Питагоровата теорема. Никогаш порано не го бев видел тој доказ. Едноставно, се појави од некаде, како некоја светлина која озарува, како топлина што стоплува, како нечуен шум кој предизвикува и восхит и трепет и страв истовремено. Предизвика љувовен занес на прва заљубеноост. Откровение кое ужаснува, но и успокојува, како најголема тајна која сум ја знаел и сум ја криел. Започна часот, но јас не внимавав. Целиот бев нурнат во откритието. Го созерцував. Еве го доказот:

Го гледав овој доказ секој ден. Се вчудоневидував на откритието. Се насладував! По неколку месеци, овој доказ го најдов во една збирка задача на руски. Стотина години претходно и некој друг го решил. Сепак, не се разочарав – насладата остана. Толку силно се острастила душата, што пред некое време повторно ми се наврати доказот во мислите.
Математиката ја сметав за талант даден од Бога и цело време се трудев да го негувам. Да не бидам како слугата кој го закопал во земја. Но, тука се крие големата прелест и измамата на лукавиот. Самооправдувајќи се (со параболата за талантот), не ни сеќавав дека тоа ме острастило толку силно, што насладата од молитвата ја менувам за оваа интелектуална наслада. Иако никако не сум го присвојувал како свое, и секогаш сметав и знаев дека е дадено, го издигнував до позиција на идол. Штом е така, сепак несвесно сум го закопал, затоа што умот го закопувам во оваа страст. Страста на талантот…
За монахот единственото нешто потребно е да ги надмине сите ограничувања во овој свет – и временски и просторни, и да го познае Бога, да твори молитва внатре во себе – распалувајќи се` внатре (со огнот што Бог го фрлил). Таа пламена болка ги гори сите страсти, ја измива калта, ја чисти чинијата одвнатре… и кога го достигнува својот максимум, најпрвин ја осознава тишината, а потоа ја сретнува Онаа која Утешува.
Старец Софрониј бил сликар. Тој се плашел дали воопшто може да се победи страста на сликарот (талантот што го имал):
“Светот на уметноста – сето што беше главна содржина и смисла на моето битие, сега бледнееше и почна да ми изгледа несериозно. А тоа за мене не беше лесно: во првиот период јас мачително се распнував помеѓу два центри: страста на сликарот и молитвата. И така, се додека молитвата не ги победи сите други дејствија од овој свет. Постои само една задача: да се најде вистинскиот Бог, Творецот на секое битие, и да се живее слеано со Него.”
Болно е ова откритие. Освестеноста за мојата непостојаност во борбата со страстите; за непостојаноста во општењето1 со Него – не е доволна. Потребно е помирување со Бога. Помирувањето настанува со благодарење и со целосно препуштање на Неговата Промисла. Не е тоа бездејственост… Духот води тешка борба за да го стекне овој внатрешен мир. Не е доволно исполнувањето на одредена заповед: “Биди слуга на сите”; или – “Љуби го ближниот”; и т.н. Животот треба да биде во совршена хармонија со Него и со целиот космос – творејќи молитва.
.
И секако – пречка е интелектот и “талантот”. “Богот на Авраама… не на учените и философите…”2. Он ги надминува сите граници, доведува до целосна чистота и слобода… а тоа е и соблазна и безумство за интелектот 3 … кој напластен од самомнението за сопствената егзистенција во историјата, врши такви силни дисхармонии во односите со Него, што доведуваат до колебање во верата.
И не зборувам само за науката. Талант може да биде и градење манастир, и одгледување зеленчук и цепење дрва. Понекогаш го добивам и талантот на метларот, па се вртам назад и со восхит си велам: “Колку убаво го изметав дворот”. А додека метев, талантот на математичарот пресметуваше според алгоритмот на Дикстра4.
И така, во бескрај: јас, кој сум ограничен, останувам во пребивање во теснотијата на ограниченоста, воопшто неможејќи ни да ја насетам благодатната безграничност на мојот личносен однос со Него.
Сега, пак, талантот на писателот ми дошепна колку убаво сум напишал…
Господи Исусе Христе помилувај ме!…

1 Според Свети Јован Лествичник, општењето преку молитвата е сосуштествување и слевање во едно битие
2 Блез Паскал, математичар; го измислил првиот механички сметач (компјутер) на 19 годишна возраст (300 години пред да се измислат електронските уреди и компјутерите). Кога се упокоил, во внатрешниот џеб од неговото палто пронашле сошиена хартија со текст напишан десетина години претходно, после една епифанија во (како што тој ја нарекува) ‘огнената’ ноќ: „Богот на Авраама, Богот на Исака, Богот на Јакова, не на учените и философите. Сигурност, радост во срцето и мир. Господ Исус Христос. Господ мој и Бог мој! Радост, радост, радост, солзи од радост…“
3 1 Кор. 1:23
4 Едсгер Дикстра, математичар и еден од основачите на компјутерските науки. Алгоритам на Дикстра: пресметка на најкраток можен пат во даден граф

Напишете коментар