Нов дебакл на Макс Струмица во СЕХА лигата

Ракометарите на Макс Струмица доживеаа нов убедлив пораз во СЕХА лигата. Македонскиот вицепрвак овој пат е совладан од Мешков Брест со 39:20.

Шампионот на Белорусија уште од самиот почеток тргна во силно темпо и на половина од првото полувреме веќе имаше предност од 10:1.

Во продолжение од средбата Мешков Брест ја одржуваше високата разлика, а на пет минути пред крајот од првиот дел веќе имаше двоцифрено водство и на одмор замина со предност од 19:9.

Ракометарите на Макс Струмица и во второто полувреме беа целосно инфериорни, а противникот тоа го искористи и постојано го зголемуваше водството.

Во завршните 15 минути од натпреварот Мешков Брест во неколку ситуации имаше постигнато двојно повеќе голови од противникот, а највисокото водство беше достигнато во 55-тата минута кога Белорусите поведоа со 38:19.

На крајот Мешков Брест успеа да забележи победа од 39:20 со што ја потврди најубедливата разлика во текот на средбата.

Најефикасен во составот на Мешков Брест со 10 гола беше Дмитриј Камишик, Артсјом Кулак додаде седум, а по четири пати прецизни беа Љубо Вукиќ и Симон Разгор.

Мешков Брест во составот имаше тројца голмани и сите добија шанса. Иван Пешиќ, Дмитриј Патоцки и Виталиј Чарапенка заедно комбинираа вкупно 17 интервенции додека Крсте Костевски на спротивната страна имаше само шест.

Кај Макс Струмица прв стрелец со осум гола беше Милан Левов, а Марко Мајиќ постигна седум.

Напишете коментар