Младите ја Добија Подршката за Старт АП Бизниси

Поддршка за старт ап бизниси на млади е приоритетниот проект кој што општина Струмица ќе го имплементира во 2016 година. Така одлучија граѓаните на синоќешната втора сесија на граѓанскиот проектен форум давајќи му најголема поддршка на проектот со 86 гласови. Овој проект ќе се реализира со средствата од фондот на истиот во висина од 45 илјади долари од кои половина се од фондацијата Отворено општество Македонија, а другата половина од општина Струмица.
По поддршката за старт ап бизниси на млади, присутните граѓани на втората сесија вака ги рангираа останатите седум проекти: проектот за обезбедување локален фонд за кофинансирање и предфинансирање проекти доби 56 гласови, набавка на опрема во кабинети и лабаратории во три училишта 55 гласови, приспособување на спортски терени за лица со посебни потреби 53 гласови, реконструкција на училишта согласно програмите за енергетска ефикасност 44 гласови, финансиска помош за приспособување на индивидуални живеалиша на лица со посебни потреби 43 гласови, вработување на едуцирани млади во бизнис секторот со финансиска обврска за покривање на ангажманот од 6 месеци и 28 гласови доби проектот за студиски посети и вмрежување со граѓански организации од Грција и Бугарија.
-Ние во Центарот на заедницата заедно со претставници на општина Струмица изработивме кратки презентации на сите осум проекти на кои беше даден приоритет на првата сесија, бидејќи логично не може сите осум на една сесија детално да се презентираат, но генералните информации за целата замисла на секој од проектите ќе биде образложена и во 2016 година ќе се направи еден целосен проект, една комплетна проектна апликација која што потоа ќе помогне за реализација. На првата сесија имаше над 150 луѓе и тоа самото кажува дека граѓаните веќе ја препознаваат транспарентноста на општина Струмица и знаат дека кога се донесува буџетот или одлуки за крупни проекти се бара и почитува и нивното мислење, рече Горан Сачевски од Центарот на заедницата.
Овој граѓански форум во општина Струмица ги имплементира Фондацијата за развој на локалната заедница Штип со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија во рамките на концептот „Општина по мерка на граѓаните“, а кој се спроведува во партнерство со општина Струмица.

Напишете коментар