Митрополит Струмички Наум- Дијагноза и терапија

Се појави потреба да разјасниме уште некои подробности.

Секој еден христијанин кој ќе ја дознае и разбере класификацијата на душевните разболувања според нивните степени, како и класификацијата на степените на духовниот развој; и кој ќе ги разликува, барем теоретски, одредниците на границите меѓу степените на душевното разболување, како и меѓу степените на духовниот развој; таквиот, не може а да не сфати, колку е битно да си ја знае состојбата и колку е битен подвигот на восогласување на начинот на неговиот живот со степенот од духовниот развој или со степенот на душевното разболување на кое се наоѓа. Едноставно, без точна дијагноза, нема ни точна терапија.

Јасно е дека секоја неподобност и невосогласеност на начинот на живот, или подвиг, со степенот на болната душевна состојба или со степенот на духовниот развој е прелест. Прелеста, голема или мала, дефинитивно го попречува душевното заздравување или духовниот развој. Што значи, ако некој душевно страда, таквиот ќе го прилагоди своето однесување со потребите за заздравување, кои пак, ќе бидат во согласност со тежината и со видот на душевното страдање. Додека, пак, ако некој духовно расте, таквиот ќе го прилагоди своето однесување со потребите на духовниот напредок, кои пак, ќе бидат во согласност со стадиумот на духовната зрелост. Со други зборови, без точна терапија, нема исцеление.

Уште едно восогласување христијанинот треба да има предвид, а тоа е восогласувањето на начинот на неговиот живот и со местото и улогата што ги има во општеството или во Црквата. Секоја позиција и секоја улога во општеството, како и во Црквата, си имаат свои задачи и цели, свои привилегии, но и своја одговорност, кои е невозможно да се превидат. Секоја појава на невосогласеност и во овој дел, а во комбинација и со потребата од првото восогласување, е не мала прелест. Но, второво восогласување е просто невозможно без првото восогласување, затоа и не го обработуваме подетално, преку примери.

Пример за првото восогласување: ако некој се наоѓа на степен од религиозна невроза, а е сепак од оние со добронамерен подвиг (пости, се моли, се исповеда, се кае, се причестува), сепак, не може да си дозволи (кога веќе ги знае границите) да мисли дека го чисти своето срце од страстите или дека е некој просветлен или, не дај Боже, обожен. Затоа што, колку е поголема разликата меѓу она што некој е и она што си мисли дека е, толку е поголема прелеста.

Исто така, многу внимателни треба да се и христијаните, од претходно наведениот пример, кои покрај добронамерниот подвиг имаат и некакви свештенички позиции во Црквата, а со тоа и некои посебни дарови (за проповед, за пишување, за советување, за организирање итн.). Таквите треба да знаат дека тие дарови се, пред сѐ, за надградување на Црквата, и ни случајно не смеат да си ги припишат на своите способности, затоа што ќе навлезат во областа на прелеста. Не смеат ни оние што се избориле за нив, а камоли оние што не…                         

Итн., итн., духовниот живот е многу едноставен за оние што се смирени…

Што се однесува до духовниот раководител, односно психотерапевт, треба да се знае дека: според учењето на учителите на Црквата, оној што е на степен на очистување може да му помогне на оној што го вознемируваат неврози; оној што е на степен на просветлување, покрај на невротичните лица, може да им помогне и на психопатите и социопатите; а оној што е на степен на обожение (чудотворец – исцелител) може да им помогне, односно да ги исцели, покрај првите два вида, и лицата со психоза, како и демоноопседнатите.

Кога зборуваме за психоза од аспект на христијанската психотерапија, подразбираме четири состојби: прва, декомпензација на его силите и механизмите на одбрана со губење на тест на реалноста, односно губење контакт со реалноста; втора, истото тоа, само поврзано со религиозни мотиви; трета, отворена и јасна демонизираност (демоноопседнатост); и четврта, суптилна демонизираност, како свесно исполнување на демонската волја. Со тоа што првите две состојби најчесто спаѓаат во класична душевна болест, иако и кај нив може да се појави (или крие)  демонизираност, додека суптилната демонизираност нема речиси никаква врска со класична душевна болест (иако и така може да заврши) – дури таквите поединци може да се и исклучително интелигентни и функционални во социјалниот сетинг. Суптилната демонизираност ја класифицираме како најтешка душевна болест, затоа што да му служиш свесно на демонот, народски кажано, а и од аспект на есхатонот, е исто што и да се мрднеш од умот. Отворената демонизираност е најлесна психоза за лекување.

Демонот може да се сретне на сите степени од душевното разболување, но и на сите степени од духовниот развој на личноста. На оние од степените на душевно разболување, преку помислите и однесувањето по навика (заробеност), се обидува да ги задржи во актуелната состојба и да ги повлече подолу, кон полоши состојби. На таквите воопшто не им помага да се на високи позиции во Црквата или во општеството. На оние од степенот на очистување на срцето од страстите ги напаѓа однатре, преку помислите, затоа што срцето им е сѐ уште заробено од страстите и затворено за умно-срдечната молитва. На оние од степенот на просветленост на умот – со дарот на молитвата на срцето, не може да ги нападне однатре, па ги напаѓа клучно однадвор – преку луѓето, негови слуги, во обид да ги активира недопреобразените страсти на срцето. На оние од степенот на обожение, покрај надворешениот напад од луѓето, и самиот им се појавува и пробува да ги уплаши или опрелести, та самите да направат нешто лошо.  

И уште ова: свесната демонизираност (демоноопседнатост) христијанската психотерапија ја класифицира во третиот степен на душевно разболување, додека пак, несвесната демонизираност (демоноопседнатост) ја класифицира во растројство на личноста, односно психопатија или социопатија.

Клучно во борбата со  демонот е да освестиме дека: нашата борба не е против крв и тело…, туку против духовните сили на злото од поднебесјето (види: Ефес. 6, 12), како и дека ние сме секогаш виновни за сѐ, поради немањето сила на злото да одговориме со добро, односно поради нашата нељубов, односно поради нашата несличност со Богочовекот Христос. Демонот секогаш се труди да се сокрие и, преку помислите, да нѐ убеди дека за сѐ е некој друг крив, а никогаш ние (посебно, не демонот – тој не постои), како и дека нашата борба треба да е против тој друг човек, кој е виновен, односно против крв и тело. Лесно се разликува првиот од вториот случај.

Христос Воскресе!                                                                                                                                   Митрополит Струмички Наум

Напишете коментар