Марјан Спасески во увид на спортската инфраструктура во Василево

Директорот на АМС г-дин Марјан Спасески, заедно со градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов направија увид во спортската инфраструктура на општината. Прва на агендата беше посета на големото фудбалско игралиште во Василево каде редовен тренинг одржуваа фудбалерите на ФК Василево Јуниор кои според раководството се иднината која ќе му носи победи на клубот и ќе ја промовира општина Василево. Од раководството на ФК Василево упатија благодарност до општината и градоначалникот за континуираната поддршка што ја добиваат.

Посетата продолжи во с. Добрашнци каде деновиве општина Василево започна со изградба на повеќенаменско игралиште. Игралиштето се гради во дворот на училиштето и освен што ќе го користа учениците за изведување на наставата по спорт и физичка култура, на него непречено ќе може да спортуваат и сите останати граѓани. Опременоста со рефлектери ќе овозможи спортување и во ноќните часови. Средствата за изградба на ова игралиште изнесуваат околу 3 250 000 денари и истите се обезбедени од Буџетот на општина Василево. Игралиштето ќе биде со стандардни димензии и опремено со стативи и кошеви со што ќе може да се практикуваат повеќе спортови. Изведувач на градежните работи е компанијата Пешо инженеринг.

Посетата на директорот Спасески заврши во Дукатино, каде тамошното игралиште и официјално беше пуштено во употреба. Средствата за изградба на ова игралиште во висина од околу 3 100 000 денари се обезбедени од буџетот на општина Василево. Градоначалникот на општина Василево во изјавата дадена за медиумите потенцираше дека со ова како и сите други реализирани проекти од областа на спортот се потврдува дека општина Василево многу и во континуитет вложува во спортската инфраструктура.

„Општина Василево вложува многу во спортската инфраструктура. Она што го најавивме во изминатиот период, тоа го реализираме и на дело. Денес сме сведоци на пуштањето во употреба на повеќенаменското игралиште во с. Дукатино. Она што во изминатиот период го работевме ќе продолжиме да го работиме и во наредниот, потенцираше Стојанов притоа додавајчи дека секое населено место ќе добие спортска инфраструктура со цел најмлада популација да биде одтргната од пороците на денешницата и воедно да му се даде акцент на развојот на спортот во општината. „Општината вложи многу во изминатиот период во спортската инфраструктура а во сето тоа ни помогна Владата на РМ, Министерството за образование и Агенцијата за млади и спорт. Добрата соработка со АМС се надевам дека ќе продолжи и во наредниот период и ќе резултира со реализација на уште многу други проекти во нашата општина. Во наредниот период во насока на исполнување на програмата на општина Василево ќе следува и изградба на по едно повеќенаменско игралиште во Едрениково и Чанаклија со што спортската инфраструктура во сите населени места ќе биде заокружена“, изјави градоначлникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов.

Напишете коментар