Комуналец го Чисти Поројот на улицата Васил Главинов

Екипи на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ продолжуваат со акцијата за чистење на пороите и влезовите во градот. Раководителот на работната единица „Чистота“, Бранко Ѓоргиев, денеска информираше за тековните и идните активности на ова претпријатие во делот на одржувањето на јавната чистота.
Во изминатиот период беа исчистени булеварот „Гоце Делчев“ на потегот од транзитниот пат до населеното место Дабиле, целосно исчистен поројот „Крушевска Република“ и сега веќе втор ден работиме на чистење на поројот на улицата „Васил Главинов“. Посебно сакам да истакнам дека и покрај нашето чистење дел од граѓаните, посебно тие кои што живеат на улицата „Крушевска Република“ се однесуваат неодговорно, имено, една недела по чистењето на поројот тие повторно фрлаат отпад во него и поради тоа денеска повторно се пратени екипи на „Комуналец“ за да чистат и затоа апелираме до граѓаните посовесно да се однесуваат кон овој порој. Акцијата за чистење продолжува и в недела во индустриската зона „Север“, а во текот на идната недела ќе продолжиме со расчистување на дивите депонии кои што се наоѓаат покрај транзитниот пат кон населеното место Куклиш, изјави Ѓоргиев.

Напишете коментар