Јавна Дебата на Тема Зошто да Останам

Центарот на заедницата на општина Струмица организира јавна дебата „Зошто да останам?!“, која ќе се одржи во понеделник, 14 декември 2015 година, со почеток во 18 часот, во големата сала на Дом на АРМ во Струмица. Целта на дебатата е да се лоцираат можностите кои им се нудат на младите едуцирани граѓани во општина Струмица и причините заради кои не би се иселувале од општината. На јавната дебата, најпрвин ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето за причините за миграција на младите од општина Струмица, спроведено од страна на Центарот на заедницата на општина Струмица. Потоа ќе се даде збор на претставник од Советот на општина Струмица, учениик, професор, новинар и младо вработено лице, во врска со нивните ставови и мислења за причините за миграција, степенот на задоволување на потребите на младите во општина Струмица и нивни препораки за унапредување на животот на младите и креирање политики на општинско ниво за задржување на младите. Претставници на Oпштината, Советот на општина Струмица, претставници на здруженија и фондации, бизнис секторот, ученици, студенти, млади едуцирани луѓе и граѓани, како дел од публиката, ќе имаат можност да ги изнесат позитивните страни и можности кои општината им ги нуди на младите и ќе можат активно да се вклучат во јавната дебата и дискусија. Оваа јавна дебата и истражувањето за причините за миграција на младите се дел од работниот план на Центарот на заедницата на општина Струмица, во склоп на концептот „Општина по мерка на граѓаните“, кој Фондација Отворено општество – Македонија го спроведува во партнерство со Општина Струмица.

Напишете коментар