Јаневски: Да го прославиме историскиот успех на нашата земја, добивањето покана за полноправно членство во НАТО

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, одржа прес конференција на која ги повика граѓаните на Струмица, вечерва на градскиот плоштад, на заедничка прослава по повод добивањето покана на нашата земја за полноправно членство во НАТО.

-Струмица е еден од 15-те градови во Македонија, во кои вечерва ќе биде прославен историскиот успех на нашата земја, добивањето покана за полноправно членство во НАТО. Од осамостојувањето на Македонија, поминаа безмалку 27 години, и исто толку години трае нашиот колективен сон за приклучување на нашата татковина во Севено-Атлантската алијанса. Дојде и тој миг, со добивањето на поканата во Брисел, овој наш сон да стане скорешно јаве, кое без сомнение, ќе значи многу за идниот прогрес на Македонија, но и за благосостојба на сите нејзини граѓани. Едно е повеќе од сигурно, Македонија станува 30-та членка на НАТО и ќе биде рамо до рамо со најсилните земји од светот. Тоа за нашата мала земја ќе значи сигурност, подобра иднина и просперитет на сите можни полиња, како и далеку поквалитетен живот за граѓаните. Македонија тоа го одработи. Македонија тоа го заслужи. Бенефитите допрва доаѓаат. Почитувани сограѓани, таквиот успех вреди да се прослави. Затоа ве повикувам вечерва во 21 часот на струмичкиот плоштад, на местото кајшто се веат знамињата на членките на НАТО, заеднички да го прославиме историскиот успех на Македонија, и да ја покажеме нашата гордост што сме дел од оваа убава приказна.
Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ, рече Јаневски.

Напишете коментар