ХОМОСЕКСУАЛЕН БРАК, ФОРМА ИЛИ ОКСИМОРОН-Отец Методиј Златанов

Некој ќе рече, само уште една варијација на брачниот ритуал која до сега не беше позната или присутна. Мотивите и контекстот веројатно се исти. Но, дали со ваква констатација можеме да го затвориме случајот? Сигурно не. Всушност, постојат две нивоа на кои овој проблем може да се согледа и анализира. Прво, на ниво на граѓански брак кој, генерално земено, е форма на завет пред општеството. Причините заради кои постои оваа брачна форма е, од една страна, маргинализирањето на светата тајна брак и нејзиниот религиозен контекст во секуларизираните општества, а од друга, потребата пред авторитетот на власта да се сочува личниот интегритет, личната сопственост, правата и обврските на секој од учесниците во брачната заедница. И во едниот и во другиот случај евидентно е присуството на претпазливост, дури и недоверба, кои се јавуваат како нус продукт на обессветениот култ на брачната љубов.

На ова ниво на актуелниот проблем, потребата од хомосексуален брак благословен од општеството ги има истите мотиви и претпоставки. Без оглед на етичките, социолошките, психолошките и многу други неодминливи аспекти, тој е само форма, празна лушпа која недвосмислено укажува на примитивизмот до кој сме ја девалвирале нашата свест за заедничарење. Човек на човека му е волк – станува базично мото и во бракот. Дали тоа човек и тоа човека се лица од различен или ист пол, тоа буквално станува сеедно. Користа од оваа формална интеграција на потребите и материјални добра ја има статистиката, која прецизно може да каже колкав број (или процент) од граѓанството фактички се здружиле во: под а) хетеросексуална, или под б) хомосексуална врска. Ќе оставиме ли место и за в), г), д)…, ќе ни биде ли доволна нашата азбука или ќе се префрлиме потоа на кинеската?

Бракот како форма, па оттаму и хомосексуалниот брак (повторно како форма) се разбира малку поспецифична, или побизарна, во целост ја губи својата онтолошка потка. Можеме да го замениме поимот брак со било кој друг поим и тој нема да загуби ништо од својата семантика. На ова првично ниво на реконтекстуализација, заклучуваме, хомосексуалниот брак, како таков, не значи ништо. Затоа, веројатно, со голема леснотија некои држави ја прифатија и озаконија оваа б)-опција. Нема ништо полесно од тоа да се стави под заштита на законот нешто бесмислено.

На второто ниво, кое секако е посуштинско, хомосексуалниот брак треба да го согледаме како црковен брак, како света тајна. Тоа значи овој феномен да го провериме според библиските, односно религиозните критериуми. Во брачното право, како дел од црковното право, постои јасна и недвосмислена дефиниција за бракот, која црковните канонисти ја реципирале од римскиот правник Херениус Модестин, и која ни за јота немала потреба да се корегира во своето милениумско постоење, сè до денес. Таа гласи: Nuptia sunt conjunction maris et feminae et consortium omnis vitae, divini et homini communication (Бракот е врска меѓу маж и жена, здружени за цел живот, заедница на божественото и човечкото право). Освен неа, клучна функција имаат и зборовите од првата книга Мојсеева, на самиот почеток од Библијата: Заради тоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се приопшти кон жената своја, и двајцата ќе бидат едно тело (едно битие); а она што Бог го составил, човек да не го разделува. Би ви обрнал само внимание на неслучајната хронологија во исказот: таткото – мајката, човекот – жената. И веднаш се наметнува прашањето, дали боговдахновените откровенија на пророкот толку долго време останале некомплетни, не вклучувајќи ја и хомосексуалната врска, или по силата на еволуцијата во меѓувреме станавме попаметни од Бога? Ваквото апсурдно размислување би било потполно аналогно на тврдењето дека (одеднаш) граѓанските закони, создадени од човекот, имаат поапсолутна валидност и непроменливост од природните закони, според кои се движи вселената, па и ние со неа.

Далеку од тоа дека смислата на бракот се исцрпува во потребата од репродукција. И сите други живи суштества се репродуцираат, па немаат потреба од брак. Сепак, брачната заедница која реално се остварува (не во здружувањето на навиките и профитот, туку) во телесното соединување, во сексуалната врска, која е голема светиња, го осмислува бракот како светиња на божествениот дар, љубовта како енергија на бракот да се отелотвори во зачнувањето на нов живот, потомство, иднина, континуитет на љубов. Смислата на бракот е во тоа љубовта да создава љубов, и тоа не само во историски, туку и во есхатолошки контекст. Хомосексуалниот брак оваа божествена категорија ја сведува на задоволување на телесните страсти од кое ништо не останува за во вечноста. Страстите згаснуваат, телото ја губи привлечноста и сексуалната потентност, материјата исчезнува заради својата смртна природа. Фактот дека многу хетеросексуални бракови остануваат бездетни не е аргумент и има сосема друг контекст. Во прашање е секогаш определена патологија која не зависи од волјата или природата на брачните партнери.

Од оваа перспектива хомосексуалниот брак, не само што се коси со основните религиозни принципи, туку едноставно е оксиморон. Дрвено железо. Тој е реален и возможен исто толку, да се послужиме со политиката, како две држави да владеат на една територија и над еден и ист народ. Дали тогаш (механички) 10% од било кое малцинство, па и сексуалното, ќе бидат доволни, или ќе бидат потребни 20% за остваrување на правата? Дали тоа ќе значи печатење на машки, женски и хетеросексуален примерок на чинот за бракосочинување, што е продуцирање на отворен сексизам? Или, дали во самиот текст ќе стои наместо конвенционалните изрази маж и жена, некоја понеутрална варијанта?

Религиозноста, конечно, е прашање на личен избор. Ако една личност заедничари во Црквата, преку светата тајна крштение, тоа значи дека природно ги прифаќа онтолошките претпоставки на црковното учење, т.е. христијанството. Истото се однесува и на сите религии и конфесии. Бесмислено е божествената вистина да му се прилагодува на човекот, во зависност од актуелните трендови или склоноста кон компромиси. Инаку од неа ништо нема да остане во нас. А таа постои имено за тоа, човекот да го издига кон сферите на совршеното, на вечното.

Автор-Отец Методиј Златанов митрополит Американско-Канадски

Напишете коментар