Граѓанинот како Коректив во Работата на Општината

Здружението „НОВУС“во рамките на проектот „Мрежа од организации за ефикасно активно учество“, кој се спроведува од Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), со финансиска помош од Европската унија, организираше панел-дискусија на тема „Граѓанинот како коректив во работата на општината“ во рамките на проектот „Транспарентна, отчетна и партиципативна општина по мерка на сите“.
На овој настан учествуваа граѓанските организации, претставници од администрацијата на општина Струмица, медиуми и други релевантни чинители. Панелисти беа Марјан Забрчанец и Петрит Сарачини, граѓански активисти.
„Денес дојдовме да споделиме сопствени ставови и искуства што може граѓанинот да направи за поотворена општина и да дадеме поддршка на локалните граѓански активизам практикуван од здружението НОВУС. Од резултатите кои што ги споделија, гледаме дека општината е отворена и достапна за граѓаните, но меѓутоа ниедна општина не може да биде толку отворена колку што граѓаните имаат потреба да комуницираат со општината. Затоа потребно е граѓаните да бараат повеќе, да прашуваат повеќе за да добијат повеќе, ако граѓаните се пасивни тогаш одговорот од другата страна ќе биде нас никој не не прашал, граѓаните не се заинтересирани. Затоа е потребен да се интензивира граѓанскиот притисок, а ако е неопходно и граѓански пркос и граѓански отпор. Потребно е граѓаните сами да се организираат, било во вертикала или хоризонтала, како што се пленумите, форма која што може да се применува и на локално и на централно ниво“ рече Марјан Забрчанец, граѓански активист.
Целта на овој настан беше да се даде до важност дека граѓанинот треба да биде коректив во работата на општината и дека мора да биде активен за да има позитивни промени. Воедно, на овој настан се дискутираше и беа понудени ефективни примери како да се зголеми учеството на граѓанинот во тековните политички општествени процеси.
„Во повеќе општини во Македонија се одвиваат различни проекти кои што имаат за цел да ја зголемат транспарентноста на општините и да најдат нови начини за вклучување на граѓаните во процесот на носење на одлуки. Од искуството на МИМ и од други организации како НОВУС, гледаме дека некои од тие механизми се функционални, некои се само формални. Тоа што е нужно и есенцијално е медиумите да ги артикулираат потребите ан граѓаните, да ги информираат граѓаните и критички да го опсервираат дејствувањето било на општините, било на власта на централно ниво. Без таква соработка меѓу медиумите и граѓанскиот сектор, а се во полза на правата и барањата на граѓаните, нема да има успех. Се надевам дека медиумите во Струмица се свесни и одговорни и дека заедно со граѓаните овие механизми кои што се детектирани како успешни, не само што ќе ги одржат на ова ниво, туку и ќе ги унапредат понатаму“, рече Петрит Сарачини, граѓански активист и новинар.
Од здружението „НОВУС“ истакнаа дека до крајот на месец јуни ќе биде презентирано комплетното истражување, анализи и интервјуа, а во врска со транспарентноста, отчетноста и партиципативноста на општина Струмица.

Напишете коментар