Градоначалникот Заев оствари средба со делегација од турскиот град Измир

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска, во својот кабинет оствари средба со делегација од средното училиште „Јилдис Тинас Измироглу Анадолу“ од Измир, Турција. Средбата е во рамките на возвратната посета која делегацијата деновиве ја има на средното општинско училиште „Јане Сандански“. Соработката меѓу овие две збратимени училиште почна во 2012 година.
Градоначалникот Заев на гостите од Турција им посака добредојде и пријатен престој во Струмица, при тоа, истакна дека Турција е еден од најголемите пријатели на Република Македонија кој и помага на патот ко НАТО и другите меѓународни институции, а ваквите средби уште еднаш го потврдуваат тоа.
-Јас, како Градоначалник и општина Струмица сме почестени со вашата посета и верувам дека пријатно се чувствувате во нашиот град. Неизмерно ме радува воспоставеното пријателство меѓу двете училишта кое трае веќе четири години и верувам дека тоа уште повеќе ќе ги зближи двата народа. Наша обврска е оваа соработка која максимално ја поддржуваме, да ја продлабочуваме и прошируваме и на повисоко ниво во областа на економијата, културата, спортот, рече градоначалникот Заев.
Гостите од Измир му се заблагодарија на градоначалникот Заев за приемот и поддршката на воспоставеното пријателство и ја потврдија и нивната желба за продлабочување на соработката.

Напишете коментар