Филмот „Златна петорка“ влегува во фаза на постпродукција

Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ поддржан од Агенцијата за филм на РМ од денеска официјално влегува во фаза на постпродукција. Филмот се снимаше интензивно 24 денови на автентични и адаптирани локации во Струмица и струмичкиот регион, а работата на проектот се одвиваше според замислениот план и обем.

На последната клапа во Струмица присуствуваше и директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која изрази задоволството за завршетокот на снимањето на уште еден нов македонски филм. Продуцентот Милошевски и режисерот Горан Тренчовски им се заблагодарија на сите кои беа вклучени во изработката, на финансиерите, како и на поддржувачите на овој филмски проект.

Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац (Ламариниќ), Јана Стојановска / Љупка Џундева (Ката), Игор Ангелов / Петар Арсовски (Џиџи), Васил Михаил / Ненад Милосављевиќ (Алавантие), Билјана Таневски (Загариева), Дине Дрваров (Кољо), Стојан Велков (Монах); петте студенти ги играа Александар Ристевски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров и Виктор Јакимовски.

Сценариото за овој македонски филм е работено по драмски и прозни мотиви на писателот Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и Билјана Гарванлиева заедно со косценаристот Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, тонот е на Дарко Спасовски-Пацки, а една музичка нумера во филмот изведува групата „Баклава“.

Филмот „Златна петорка“ се планира да биде готов до крајот на летото 2016 година и ќе има премиера на некој од светските филмски фестивали.

Напишете коментар