Едрениково ќе добие систем за фекална канализација

Населеното место Едрениково, до крајот на годината ќе добие систем за фекална канализација“ , информираше градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов по вчерашната работна средба на надлежните од општина Василево и претставниците на проектниот тим задолжен за изработка на техничката документација за прочистителната станица и канализационата мрежа. По средбата во општината на која се разговараше за состојбата и условите на терен каде ќе биде изграден системот и лоцирана прочистителната станица, активностите продолжија на терен заради увид во фактичката состојба и утврдување на локацијата на лице место.

„Во периодот што следува ќе биде изготвена комплетната техничка документација по што ќе се започне со негова практична изведба на терен“.– дополни градоначалникот Стојанов.

Овој систем за фекална канализација ќе биде комплетен со можност за приклучување на сите домаќинства.

Инвестицијата е на Швајцарската агенција за развој и соработка обезбедена во рамки на УНДП проектот „Управување со сливот на реката Струмица“ кој го имплементира Центарот за развој на Струмичкиот регион во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и општините од Струмичкиот слив“

Во рамките на истиот проект, проектна документација за пречистителна станица и канализација ќе биде изготвена и за населеното место Седларци.

Напишете коментар