Една Година Успешна Приказна-ЈП Паркиралишта Струмица

Скромно, но гордо на постигнатите резултати, денеска, јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ ги презентираше оправданоста, придобивките и идните планови, а по повод една година од реализацијата на зонското паркирање во општина Струмица. На презентацијата во хотелот „Глигоров“ присуствуваа градоначалникот Зоран Заев, претседателот на Советот, Јосиф Христов и членови на истиот, претставници на општинската администрација и јавните претпријатија, бизнис секторот и граѓани. Оправданоста, придобивките и идните планови, ги презентираше Верица Узунова, директор на претпријатието.
-Иако по многу нешта како град отскокнуваме од сите останати градови во Република Македонија, секогаш први во создавањето на добрата и вредностите, изминатиов период покажавме дека како граѓани на Струмица нема лесни работи за кои тежината е достоинствена. Отстапивме од секојдневните навики, видените рутини, реалниот комфор и покажавме дека самодисциплината може да ја покачиме на ниво кое заслужува почит и пофалба. Општествено дозволениот егоизам го преточивме во реална грижа, поистоветувајки се со потребите на соседите, занаетчиите, таксистите, луѓето со посебни потреби, пешаците …. генерално, со потребите на сите чинители во сообраќајот, рече Узунова.
Градоначалникот Заев во изјавата за медиумите потенцираше дека тој, лично, е задоволен од реализацијата на овој проект затоа што „Паркиралишта Струмица“ иако младо претпријатие реши голем проблем во општина Струмица.
-Јас сум среќен како Градоначалник, заради тоа што едно крупно прашање во градот Струмица е решено и тоа на задоволство на сите граѓани. Драго ми е што ова јавно претпријатие кое што е младо и сопственост на сите нас, граѓаните на општина Струмица и тоа стопроцентна сопственост, живее од самостојни приходи, без било какви приходи, има две значајни дејности, покрај паркинзите тоа е одржувањето на уличното осветлување кое покрај неговата одржливост предизвикува и огромни заштеди на буџетот на општина Струмица. Во делот на јавното осветлување, општина Струмица годишно штеди помеѓу два и четири милиони денари од самата одлука да ги предадеме услугите за одржување на јавното осветлување на јавното претпријатие, но секако заштедата е една работа на буџетот, а втората или подеднаквата дејност, паркиралишта или зонското паркирање, навистина предизвикува одржливост и која што овозможува дури можеби и скромен процент, но сепак многу значаен да овозможува донација за детските градинки согласно одлука донесена на Совет, а на предлог на јавното претпријатие. Ова го кажувам за да знаат граѓаните дека навистина се гордеам од причини со ова јавно претпријатие и знам дека тоа што е создадено е за бенефит и трајно добро на сите граѓани на општина Струмица, рече градоначалникот Заев.
Имајќи ја секогаш во прв план грижата за корисниците на паркинг услугите, јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ издвои 12 корисници на зонското паркирање кои најмногу паркирале изминатиов период и ги прогласи за лојални корисници.
Бидејќи станува збор за корисници кои во просек паркирале по околу 200 пати претпријатието одлучи да ги субвенционира со 10 % од износот потрошен за паркирање изминатата година и да им додели ваучери за паркирање за наредниот период.

Напишете коментар