DJ Romeo Blanco и Огномет за Крајот на Струмица Опен Фест

Завршија најубавите десет дена во Струмица. Четвртото издание на „Струмица опен фест“ потврди дека таа е најдобрата и најмасовната културно – забавна манифестација, не само во Струмица, туку и пошироко. И ноќеска плоштадот „Гоце Делчев“ беше преполн со публика од сите возрасни групи кои заедно уживаа во настапите на Либеро, Јупитер, Маид Хечимовиќ, Петар Грашо, а честа да го затвори фестивалот ја имаше познатиот диџеј ROMEO BLANCO.
За повеќе илјадната публика, организаторот на фестивалот, приреди едно големо изненадување, кога на големата музичка сцена ги донесе струмичките одбојкарски репрезентативци, членови на македонската одбојкарска репрезентација која го освои второто место во Европската лига. Тие со огромен аплауз и силни овации беа поздравени од публиката. Групата Јупитер со Ленче Кукиќ во нивна чест ја испееа песната „Македонија навива за вас“ од Тоше Проески, а одбојкарските репрезентативци заедно ја испеаја „Излези момче право на тераса“.
Во изминатите десет дена, колку што траеше годинашното четврто издание на „Струмица опен фест“, покрај настапите на македонските и балканските ѕвезди на големата музичка сцена на плоштадот, се одржаа и дваесет настани на неколку локации во големиот градски парк и тоа од областа на театарот, филмот, поезијата, ликовната уметност, фолклорот и другите музички жанрови, а се одржаа и повеќе работилници и обуки.
Со оваа богата фестивалска програма, организаторот здружението „Културно забавен живот“ и покровителот градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица, на струмичани и бројните посетители им ги подарија најубавите десет дена ова лето.

Напишете коментар