ДИК ги соопшти изборните резултати: ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, а СДСМ освои 49 пратенички места

Партиите имаат можност во рок од 48 часа да поднесат приговори до ДИК, а Комисијата во рок од 48 часа треба да одговори на пријавите. Откако ќе добијат одговор од ДИК, партиите, односно поднесувачите на приговори кои не се задоволни од одлуката на ДИК можат да поднесат тужба до Управниот суд.
dik-rezultati
На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, ВМРО –ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со освоени 454 253 гласа, обезбедија 51 пратеничко место во Собранието, додека опозициската СДСМ и Коалицијата за подобар живот во Македонија кои освоија 436 790 гласа, имаат 49 пратенички места, соопшти синоќа Државната изборна комисија. Од политичките партии од албанскиот блок најмногу пратенички места обезбеди ДУИ, односно 10 мандати, потоа движењето БЕСА, кое има 5 пратенички мандати, Алијансата за Албанците освои 3 мандати – а ДПА 2 мандати.

„Станува збор за првични резултати обработени врз основа на записниците од општинските изборни комисии кои пристигнуваа во ДИК во текот на целиот ден. Од обработените 99,97 проценти од избирачките места, податоците според изборни единици се следни:

– во ИЕ 1 ВМРО – ДПМНЕ освои 8 мандати, СДСМ – 10 мандати, БЕСА – 1 мандат и ДУИ – 1 мандат;

– во ИЕ 2 ВМРО – ДПМНЕ освои 9 мандати, СДСМ – 8 мандати, БЕСА – 1 мандат и ДУИ – 2 мандати;

– во ИЕ 3 ВМРО – ДПМНЕ освои 11 мандати, а СДСМ – 9 мандати;

– во ИЕ 4 ВМРО – ДПМНЕ освои 10 мандати и СДСМ – 10 мандати;

– во ИЕ 5 ВМРО – ДПМНЕ освои 9 мандати, СДСМ – 9 мандати, ДУИ – 1 и Алијанса на Албанците – 1 мандат;

– во ИЕ 6 ВМРО – ДПМНЕ освои 4 мандати, СДСМ – 3 мандати, БЕСА – 3 мандати, Алијанса на Албанците – 2 мандати, ДУИ – 6 мандати и ДПА – 2 мандати“, соопшти Александар Чичаковски, претседател на Државната изборна комисија.

Чичаковски, исто така, информираше дека партиите имаат можност во рок од 48 часа да поднесат приговори до ДИК, а Комисијата во рок од 48 часа треба да одговори на пријавите. Откако ќе добијат одговор од ДИК, партиите, односно поднесувачите на приговори кои не се задоволни од одлуката на ДИК можат да поднесат тужба до Управниот суд.

Приговорите се поднесуваат во писмена форма и содржат: – место, време, опис на направената повреда, сторителот и доказите на кои се повикува подносителот; – име, презиме и потпис на подносителот на приговорот, односно на овластениот претставник и – електронско сандаче

Одлуките на Управниот суд се правосилни и против нив не може да се изјави жалба или друг вид на правна заштита, освен во случаи определени со Изборниот законик.

Инаку, по објавувањето на резултатите, ВМРО – ДПМНЕ и официјално ја соопшти победата на овие предвремени парламентарни избори.

„Победи демократијата, победија граѓаните на Република Македонија, а мандатарот е Никола Груевски. ВМРО – ДПМНЕ е партијата со најголем број мандати. ВМРО – ДПМНЕ го има мандаторот и им покажа на граѓаните дека оваа држава самостојно одлучува, дека граѓаните се врховен арбитер и дека тие одлучија на кого ќе ја дадат довербата“, изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО – ДПМНЕ.

Во Собранието на РМ нема да има претставник од седмата изборна единица, односно од дијаспората. Инаку, мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Напишете коментар