Денес е Светскиот ден против пушењето

Станува евидентно дека донесувањето на закони за контрола на пушењето спасува животи и го подобрува здравјето во целиот регион на Европа, со што се побиваат критиките против овие закони.

Ова се наведува во соопштението на Светската здравствена организација (СЗО), по повод 31 мај -светски ден за борба против пушењето.

Истражувањата од државите каде на сила е забрана за пушење на јавни места покажуваат намалување на срцевите удари. Научната литература посочува дека само неколку месеци по примената на законите за забрана на пушење, стапката на хоспитализација на пациенти со миокардни инфаркти се намалила од 20 – 40 отсто, се наведува во соопштението.

Притоа се потсетува дека изложеноста на чад од тутун придонесува за појава на кардиоваскуларни болести, карцином и туберкулоза.

„Станува збор за закони кои навистина функционираат. Таму каде законите се стапени во сила гледаме подобрување на здравјето на луѓето но исто така брзо и значително намалување на приемите во болница, што значи намалување на трошоците за здравствениот систем изјави  директорката на СЗО за Европа Сузана Јакаб.

Во светот, тутунот е еден од причинителите на смрт кој најмногу може да се превенира и не постои ниедно ниво на изложеност на индиректно пушење кое е безбедно. Оваа година, тутунот ќе убие скоро шест милиони луѓе на глобално ниво – повеќе од туберкулозата, ХИВ/СИДА и маларија заедно.

Политиките за заштита на работното место од изложеноста на пушење во неколку индустријализирани држави го намали консумирањето на тутун меѓу работниците во просек 29 отсто.

Напишете коментар