Честитка од градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, по повод светскиот ден на хендикепот

Почитувани сограѓани – телесно инвалидизирани лица, лица со оштетен вид, лица со оштетен слух, лица со пречки во говорот, лица со менталнa попреченост, лица со Даунов синдром, лица со аутизам и други лица со физички и ментален хендикеп,
Трети декември е само еден од 365 – те денови во годината. Колку и да го одбележуваме овој ден како Ваш ден, мора да знаете дека Вам ви припаѓаат и останатите 364 денови од годината. Светскиот ден на лицата со хендикеп е само аларм за нашата колективна свест, дека не смее да постојат бариери помеѓу НИЕ и ВИЕ, помеѓу НАС и ВАС, дека на овој свет сите сме исти, сите сме луѓе.
Ако веќе сте „лица со посебни потреби“, тогаш наша заедничка должност е тие ваши потреби во целост да ги задоволиме, затоа што сте дел од нашата заедница, затоа што сте дел од нашето општество, затоа што тоа го заслужувате. Вашите права треба и мора да бидат еднакви со правата на сите граѓани. Заложбите за овозможување на тие права за Ваша сеопфатна инклузија, не смеат да бидат само декларативни, туку целосно системски реализирани. Во таа смисла, како и до сега, така и во иднина, ќе ја имате мојата максимална поддршка и поддршката на Општина Струмица.
Нека ви е честит 3. Декември – Светскиот ден на лицата со хендикеп.

Напишете коментар