Борбата за Македонија започнува сега!

Со пенкало ќе се самоукинеме. Затоа што ова не е прашање дали сме за ЕУ и НАТО. Ова е прашање за промена на уставното име на Република Македонија. Верувам дека сите до сега сфативме дека дури и ако овој референдум помине, тоа не значи дека по автоматизам влегуваме во ЕУ и НАТО. Но, секако значи дека се самоукинуваме како Македонци, ја предаваме Македонија и се она што не обединува како нација.

Јас сонувам за едно поинакво општество. Општество каде ќе бидат наградувани праведните и чесните. Сонувам за мир и разбирање, за почитување на правата и вистинските вредности. Сонувам за средина каде ќе слушаме со намера да разбереме, а не само да одговориме. Сонувам за љубов, почит и добрина. За свет без војни, лицемерие и двојни стандарди.

Сонувам дека еден ден, оваа нација ќе научи дека за да ја почитуваат другите, мора прво да почне да се почитува самата себеси. И дека новите генерации нема да бидат оценувани според бојата на партиската книшка, ниту според богатството на нивните родители, туку според знаењето кое го имаат во нив. Ги сонувам оние кои ја напуштиле татковината, да се вратат со надеж дека овде ги очекува подобра иднина.

И сонот може да стане реалност, ако тоа ни биде цел. А промените настануваат тогаш кога луѓето веруваат. Но, најпрво мора да почнеме од нас самите. Да бидеме промената која сакаме да ја видиме.

А всушност, таму е и влезот во ЕУ. Унија во која се потребни работа, посветеност, чесност, перспективи, заложби и компетентни луѓе во различни области. Нема место за криминали, наместени тендери, партиско провлекување, насилие и продавање дрога по улиците. И најважното – нема продавање на државата и националните интереси.

Убеден сум дека повеќето Македонци попрво би избрале да го задржат името Македонија, отколку влез во ЕУ и НАТО. Сојузи кои се пред распаѓање и веројатно, во блиска иднина, нема ни да постојат. Не смееме да дозволиме ова самоуништување да помине. Не кога веќе имаме самостојна, независна и суверена Република Македонија. Или како што САФ милуваа да кажат – „не умирај магаре на зелена трева“.

За Македонија се работи! Тие се зборовите кои целосно ги заборавивме. Се поделивме на СДСМ и ВМРО, на националисти и предавници. А во државата и во демократските установи владее анархија. Непочитување на основните демократски принципи, гласање на недемократски закони. Сето тоа на начин кој е иритирачки и несфатлив за мнозинството граѓани на Република Македонија. Направија интелектот да биде генетски отпадок. Со лажни животни вредности и празни ветувања за подобро утре!

Би сакал да испратам апел до сите Македонци и граѓани на Република Македонија, за поддршка во борбата за Македонија. Сметам дека секој еден е важен. Ова не е борба на политички партии. Ова е ОПШТЕСТВЕНА борба за правда и идеологија на самоопределување.

Неутралноста овде е на страната на опресорот. Имаме света должност да ја одбраниме Македонија, нашата татковина. Затоа, јас БОЈКОТИРАМ. Ги бојкотирам лажните ветувања и незаконскиот референдум. А секој кој чувствува љубов кон Македонија е добредојден да се приклучи. Ние ќе бојкотираме, а Македонија ќе победи!

И запаметете, Македонија издржала многу предавници. Ќе издржи и сега. Поминала и ропства, ќе го помине и ова. А нас историјата како ќе не запамети, зависи од одлуката која ќе ја донесеме. Дали ќе не памети како херои, или генерација која “со пенкало се самоукинала”.

Александар Стојков

Напишете коментар