Беседа на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Ваше Блаженство,

Ваши Високипреосвештенства,

Ваше Преосвештенство, сечесни оци,

Почитуван Претседателе на Владата на Република Македонија,

Почитуван министре,

Почитуван директоре на Комисијата за односи со верските заедници,

Господа градоначалници,

Возљубени браќа и сестри во Христа,

Благословен народе Божји,

Денес, по неизглаголивата и неопислива милост и промисла Божја стојам пред сите вас овде, во еден од најдревните храмови на нашата Света Црква, на највозвишеното и најстрашно место во Црквата, во епископскиот чин. Во повеќевековните строителства на Водочкиот комплекс на цркви, секогаш сум го согледувал историскиот континуитет на патувањето на нашиот богољубив народ низ времето и историјата кон Есхатонот, носен во прегратките на љубената ни Охридска Архиепископија кон вечното Царство на Триипостасниот наш Бог.

Ние, во Црквата, никогаш не зборуваме за историја исклучувајќи ја иднината, бидејќи Светата Евхаристија е нашиот начин на постоење, во која ја живееме реалноста на Царството Небесно, кое доаѓа и веќе е. Оттаму, и овој свештен и евхаристиски собор, возглавен од Блаженејшиот наш Архиепископ и Архиереите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, опкружен од народот Божји, е жива икона на Царството Божјо, но исто така, и моја лично-соборна Педесетница, која не може да биде само лично моја или, подобро кажано, сопствена; впрочем, како и ништо друго во Црквата.

Способноста за градење љубовна заедница најпрво со Личносниот Бог, а потоа и со секој човек е она што најсилно ја карактеризира личноста како словесна и ја устремува кон соборност. Боголиката личност своето постоење го осмислува во заедница, поради тоа што единствено во Црквата како Богочовечка заедница ние се градиме, зрееме и на крајот, се реализираме како личности, и никако поинаку. Епископот ја предводи Црквата на тој пат на оличноснување во заедница со Оној од Кого сме, и заради Кого сме создадени.

Епископот не станува Епископ поради некаква своја заслуга, туку исклучиво по благоволение Божјо, во послушание кон Светиот Архиерејски Синод, поради молитвите, и најважно од сѐ, заради потребите на Црквата. Затоа, надвор од Црквата и нејзината Евхаристија, Епископот нема идентитет, и не постои како Епископ, но и Црквата не може да го оствари своето литургиско постоење без Епископот, кој ја возглавува.

Епископот излегува од својот манастир, каде што го научиле дека местото на срцето е последното место на кое седнуваш доброволно, станувајќи им слуга на сите; дека вистинскиот живот е оној кога умираш за другите да живеат, и дека критериум за сѐ и мерката според која мериш сѐ, а особено себеси, е Богочовекот Христос. Затоа, кога свети Игнатиј Богоносец вели дека Епископот седи на место и во обличје Христово, тој сака да каже дека тоа место не е позиција на власт и моќ, туку пред сѐ, Голготското место и место на Крст и страдање, а обличјето Христово е обличје на слуга, кој доаѓа да служи, а не да му служат.

Епископот го иконизира присуството Христово во Црквата, бидејќи налик на Него е кроток и смирен по срце, го мрази гревот, а го љуби грешникот. Неговите зборови изгонуваат секаков сомнеж и му објавуваат на светот дека Христос навистина воскресна. Тој зборува за Христа, живее за Него и умира за Него. Го молам Великиот Архиереј, Единородниот Син Божји Исус Христос, и мене недостојниот да ми подари такво епископство.

На почетокот напомнав дека Евхаристијата, што буквално значи благодарење, е начинот на кој постоиме во Црквата Христова.

Затоа, Му благодарам на Бог, и особено се радувам што во овој ден не стојам пред непознати луѓе и на непознато место, што не морам да зборувам за себеси и да се претставувам, затоа што сите ме знаете, и моето срце ве знае вас и љубовта што ја имате кон мене. Ти благодарам, Господи, што не стојам на непознато место, туку во саканата ми Водоча. Овде дојдов првпат пред осумнаесет години, налик евангелскиот млад човек, барајќи и прашувајќи што треба да направам за да имам живот вечен. Му благодарам на Владиката Пимен, тогашен игумен Водочки, и на сите браќа – монаси за сета љубов и трпение, и што ми ја покажаа, пред сѐ, со својот живот есхатолошката перспектива на монаштвото. Овде примив монашки потстриг, ѓаконска, свештеничка благодат, и еве денес, повторно во оваа црква, на мојата глава слезе Пресветиот Дух, Кој ги крева паднатите и ги подига раслабените.

Бог знае колку му благодари мојата душа на мојот Старец и Владика, нашиот Митрополит Струмички г. Наум, во чие охристовено срце се родив духовно и пронајдов пат натапкан и прооден, пат светоотечки што води на Гората Таворска. И повторно, на негово барање, а со благослов на Светиот Архиерејски Синод, станувам негов сотрудник на нивата Господова.

Особено Му благодарам на Блаженејшиот Архиепископ наш г.г. Стефан и на сите архиереи за довербата да бидам причислен кон епископите на нашата Света Црква.

Му благодарам на Претседателот на Владата на Република Македонија за неговото ценето присуство, но и за сè што прави и што во иднина ќе направи за добробит на нашата света Црква.

На крај, најсмирено ги просам вашите свети молитви, поради тоа што знам дека сите дарови што сум ги добил од Бог, сум ги добил поради молитвите и воздишките на другите, а јас самиот со ништо не сум ги заслужил. А, за сѐ и над сѐ, Му принесувам благодарност, поклонение, чест и слава на Триипостасниот наш Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!
Извор: МПЦ-ОА

Напишете коментар