Автоматизирана Рампа во Подземниот Паркинг

Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ од денеска воведе автоматизирана рампа за влез и излез на возилата во подземниот паркинг под плоштадот „Гоце Делчев“. За оваа новина во управувањето со подземниот паркинг, информираше Верица Узунова, директор на претпријатието.
-Иако и досега паркинг просторот имаше влезно – излезна рампа која механички беше контролирана од страна на човечки фактор во наплатната барака, ова што денес го промовираме како новитет, всушност е автоматизација, односно, надградба на системот со тоа што досегашната пракса на чекање на корисниците за подигнување на рампата веќе заминува во историјата, односно корисниците на паркинг просторот за да влезат во паркингот ќе мора преку влезен терминал кај влезната рампа сами да си земат паркинг билет, со завршувањето на паркинг услугата истиот да го наплатат и после тоа да го вовлечат паркинг билетот во излезниот терминал. Целта на оваа надградба на системот е олеснување на паркинг услугата во централното градско подрачје, иако и досега функционираше паркингот кој има 82 паркинг места и работи непрекинато 24 часа. Иако воведуваме автоматизација на паркинг системот, сепак цените останаа исти, што беше потврдено и на седница на Советот на општина Струмица, односно, 20 денари за прв час и 10 денари секој нареден час, рече Узунова.
Одговарајќи на новинарско прашање за паркирањето за време на одржувањето на „Струмица опен фест“, Узунова изјави дека во тек се преговорите со организаторите околу паркирањето за време на одржувањето на фестивалот, како што впрочем се прави за сите манифестации кои што се одржуваат во градот, а со цел зголемување на услужната дејност на претпријатието и безбедноста на посетителите на фестивалот.
Таа додаде дека до крајот на годината нема да има промени во затворените јавни паркиралишта, а додека во отворените јавни паркиралишта и во зонското паркирање можно е проширување согласно иницијативите и барањата на граѓаните.

Напишете коментар