95 ГОДИНИ ФК ТИВЕРИЈА

Пред 95 години се роди фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица. По тој повод вчера во Домот на АРМ во Струмица се одржи пригодна свеченост. Во своето постоење овој клуб имаше свои блескави моменти и претставуваше расадник на квалитетни фудбалери.

Третолигашот Тиверија е формиран во далечната 1923 година. Од сеќавањата на струмичани, спортското друштво Тиверија е формирано пред клубот Беласица. Но тогашните српски власти ја попречувале и отежнувале работата, па клубот официјално бил регистриран на 13 февруари 1923 година.

За основачи на Тиверија се сметаат Ристо Заев-Зајакот, Љамо Џатев, Благој Карабакочев-Барбата, Мито Маџиров, Ристо Вртев-Сликарот, Глигор Дрваров и Ѓорги Тангачев. Прв секретар на клубот бил Момчило Попов, а за прво гостување на Тиверија е забележан натпреварот во Солун во 1924 година. На тој натпревар фудбалерите патувале со запрежни коли.