15 години од трагичната смрт на македонскиот претседател, Борис Трајковски

Со пригодна свеченост која што се одржа пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, општина Струмица ја одбележа 15-годишнината од трагичната смрт на македонскиот претседател, Борис Трајковски. За животот и делото на Трајковски, зборуваше Марјан Даскаловски, претседател на Советот на општина Струмица.

-Претседателот Трајковски се радуваше на секој исчекор што го правеше земјава на патот кон членство во НАТО и Европската Унија. Во тоа интегрирање со право ја гледаше иднината на државата и нејзиниот прогрес на секој можен план. Впрочем во таа насока беше и неговиот последен потпис ставен врз апликацијата за членство во Европската Унија, само еден ден пред неговата прерана и трагична смрт. Случајот сакаше, токму 26. Февруари, денот на неговото заминување од овој свет, да биде ден кога ќе биде предадена апликацијата за членство во Унијата, но поради трагичниот настан таквиот чин беше пролонгиран за неколку дена.
НАТО и ЕУ беа негови два сона, за кои толку многу посакуваше да станат јаве. Еден од нив стана реалност дури 15 години од неговата смрт, бидејќи Република Северна Македонија стана дел од НАТО алијансата, а вториот е на прагот да се престори во јаве. За таа симбиоза меѓу сонот и јавето тој често пати патуваше во посета кај лидерите на влијателните земји и ја бараше нивната безрезервна поддршка за исполнување на интегративните заложби на нашава земја. Каде и да одеше, со задоволство се враќаше дома, во својата татковина, а посебно задоволство му причинуваа неговите посети на родната Струмица, градот на неговото детство и неговата младост. Струмица се гордееше со Борис Трајковски како што тој се гордееше со Струмица. Таа взаемна љубов беше повеќе од очигледна.
Струмичанецот, Македонецот и човекот Борис Трајковски на денешен ден пред 15 години замина во вечноста. Ми беше сограѓанин и пријател, човек за кого чувам бројни преубави спомени, спомени кои ме прават горд што го познавав. Едно е повеќе од сигурно: за него заборав ќе нема, рече Даскаловски.

Во чест на Трајковски, членови на неговото семејство, претставници на институции, организации и здруженија, положија свежо цвеќе пред споменикот „Македонија“, а членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа поезија. Традиционално и оваа година, беше засадено дрвце во паркот спроти споменикот на претседателот Борис Трајковски.

Напишете коментар